Амбасада на Република Северна Македонија во Турција

Најнови вести

Учество на Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на веб конференција со Стопанска комора на Истанбул

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на веб конференција со Стопанската комора на Истанбул, на тема: „Трговски и инвестициски можности со Република Северна Македонија“. Во своето обраќање изрази уверување дека досегашната целокупна економска соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Турција го нема достигнато посакуваното ниво од двете држави и укажа дека постојат многу можности кои треба максимално да бидат искористени како на државно ниво, така и од страна на бизнис заедниците и компаниите. Информираше дека Министерството за надворешни работи подготви нов концепт на економска дипломатија, со цел создавање на услови за искористување на економските потенцијали кои Република Северна Македонија ги има со другите држави. „Креиравме нов концепт на делување на надворешно економски план, преку ‘tailor made’ пристап, се со цел унапредување на економските односи со другите земји со кои има потенцијал за привлекување на инвестиции, зголемување на трговската размена и привлекување на туристи. Концептот подразбира испраќање на економски советници токму во тие држави/региони“, истакна МНР Османи, нагласувајќи дека Република Турција, како важен економски партнер, е една од првите дестинации во која Министерство за надворешни работи ќе испрати економски советник. На веб конференцијата презентација имаше и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски кој го претстави новиот концепт за привлекување на инвестиции и можностите за турските компании. "Ја отвораме државата за сите инвеститори кои ќе донесат поголема додадена вредност, стабилни работни места и повисоки плати за нашите сограѓани. Со новиот концепт на привлекување инвестиции само во последниве 5 месеци успеавме да поттикнеме интерес кај над 30 компании меѓу кои и од Турција, со кои преговараме за инвестиции од над 425 милиони евра. Четири турски компании веќе инвестираат над 15 милиони евра кои треба да донесат над 200 работни места“, истакна Деспотовски, додавајќи дека она што не прави различни е новиот индивидуализиран пакет за државна помош, креиран врз анализа на инвестициски планови и профил на компанијата, како и новиот систем за грижа на корисници, таканаречен систем “на една влезна точка“ кој нуди поедноставен пристап до услугите за компаниите и персонализирана поддршка. „Со ваквиот сет инвестициски мерки креираме нова развојна економска политика и поволна бизнис клима во која ќе одиме напред со инвеститори кои растат заедно со државата", порача Деспотовски.  

Скопје, 9 јуни 2021

Министерот Османи ја претстави МКартата, наменета за наши истакнати личности во странство

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес на конференција за новинари го претстави проектот МКАРТА, наменета за поединци со потекло од Република Северна Македонија, како симболично признание за нивниот несебичен ангажман во насока на промоција на државата надвор од нејзините граници. МКартата претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Северна Македонија во странство, нагласи Османи. „Како нивна родна земја сакаме да им изразиме благодарност, би рекол на симболичен начин - да им вратиме, да им ја компензираме нивната улога на промотори на земјава, преставувајќи не како земја од која доаѓаат успешни и квалитетни луѓе“,  додаде тој. „Во еден подолг минат период, голем број луѓе не само што ја имаат напуштено земјата, туку и имаат остварен посебен истакната професионален и општествен успех таму каде што се наоѓаат. Тоа се успешни доктори, научници, бизнисмени, културни работници итн., кои сакаме да ги привлечеме кон земјава, да им ја зајакнеме врската и да создадеме потенцијал за нивно поблиско вклучување во нашите општествени текови„, истакна Османи. Идејата е таквите поединци да бидат дел од една поширока мрежа која подлабоко би била вклучена во општествените текови во државата. Целиот процес поврзан со МКартата ќе го координира Министерството за надворешни работи. Со картата ќе се добијат и одредени бенефиции, како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, би се добило предност при аплицирање за проекти во рамките на програмите за соработка на Министерството за надворешни работи со поединци и здруженија надвор од Северна Македонија, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси кои се ствараат и слично. Во соработка со други Владини ресори, се работи на проширување на листата на погодности. Планирано е детектирањето на таквите личности да го започнат дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство, а доделувањето ќе се реализира во строго предвидена процедура водена во рамките на Министерството за надворешни работи.

Османи со економските советници во посета на општините

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, заедно со економските советници, кои во рамките на економската дипломатија се назначени да отпатуваат за Вашрава, (Вишеградската група), Минхен (Германија и Австрија), Анкара за Турција и Абу Даби заОАЕ и другите земји од Заливот,  денес ја посети општина Тетово. Освен претставниците на локаната власт, беше остварена посета и на слободната економска зона во Тетово, фабриката за млеко и млечни производи Алпи Милк како и други места со економски и туристички потенцијал. Преку оваа посета ги разгледавме можностите, потенцијалите но и потребите кои ги има локалната власт за да можеме преку економската дипломатија и преку економските советници да придонесеме за понатамошен развој и привлекување на инвестиции, зголемување на извозот и промоција на туризмот“, истакна Министерот Османи, додавајќи дека во последните години општините имаат зголемени надлежности, особено во управувањето со државното земјиште и затоа е потребна поблиска меѓусебна соработка која ќе придонесе за поголема промоција на локалните потенцијали. Османи посочи на поширокиот план за посети од страна на претставниците на економската дипломатија на повеќе поголеми општини.   Покрај денешната посета на Тетово, слични посети веќе се предвидено во повеќето поголеми градови на земјата, продолжувајќи со Гостивар, Охрид, Битола, Прилеп, Крушево, Кавадарци, Штип, Виница, Берово, Струмица, Дојран и Гевгелија. Целта на овие посети и среди е економските советници да стекнат поблизок однос со регионалните бизнис потреби, да добијат попрецизна слика за потребите на општините, да се запознаат одблиску со нивните капацитети за зголемување на извозот, можностите за странски инвестиции како и развој на туризмот. Инаку, економските советници досега следеа три фази на подготовка и ова е последната фаза. Првично имаа подготовки во рамките Министерството за надворешни работи, потоа ги посетија и имаа консултации со сите релевантни министерства и институции поврзани со економијата на централно ниво, а во третата фаза имаа теоретски предавања од еминентни професори по економија. Оваа последната фаза предвидува посета на општините и запознавање со можностите и потребите на локалната самоуправа.

Туристички дестинации

Баба Планина, Битола

Охридско езеро, Охрид

Дојранско езеро, Дојран